Како да избегнете вообичаени измами преку е-пошта

Научете неколку совети за безбедно користење на е-пошта. Ќе дознаете повеќе за силни лозинки, користење на официјални апликации за е-пошта и кога е најбезбедно да отворате прилози на е-пошта.

Можете да ги користите овие совети како практичен потсетник:

  • како да ги препознаете највообичаените измами преку е-пошта
  • како да избегнувате да бидете измамени
  • кои се заштитните функции на вашата услуга за е-пошта
  • како да блокирате што е можно повеќе несакани спам пораки (несакана е-пошта).
Измами преку е-пошта
Е-поштата е безбеден начин за електронска комуникација. Не обелоденува многу детали за вашиот идентитет, туку само вашето име. Исто така, е-поштата не ја обелоденува вашата физичка локација.

Колку е приватна е-поштата?

И покрај тоа што вашето поштенско сандаче е заштитено со силната лозинка, самата е-пошта не е многу приватна:

  • кога праќате е-порака, таа не може да се обнови или откаже.
  • лицето коешто прима е-порака од вас, може да му ја препрати секому без ваше знаење.
  • е-пораки може да им се пратат на стотици, па дури и на илјадници лица наеднаш.
  • она што го велите може да го прочитаат и други лица.
  • никогаш не треба да праќате детаљи на кредитни картички преку е-пошта, особено трицифрениот број за проверка на идентитет (card verification value (CVV)).

Совети за безбедно користење на услуга за е-пошта

Треба да користите угледна услуга за е-пошта како што е Gmail, Outlook или Yahoo за да читате и праќате е-пораки:

  • секогаш користете услуга во којашто имате доверба.
  • извршете пребарување на Google за оценки или написи за услугата што имате намера да ја користите.
  • користете само официјална апликација, преземена од продавницата за апликации на вашиот уред, за да читате и праќате е-пораки на мобилниот уред.
  • избегнувајте независни апликации за е-пошта за мобилни уреди и компјутери. Тие можеби се добри, но често им недостасуваат безбедносни функции или имаат голем број комплицирани напредни функции за секојдневна употреба.
  • ако користите официјална интернетска услуга за е-пошта, секогаш можете безбедно да ги читате е-пораките во интернет-прегледувачот, бидејќи услугата ве штити од штетни софтвери и вируси.
  • преземените прилози треба да се скенираат со противвирусниот пакет на вашиот компјутер пред да ги отворите.
  • секогаш треба да користите силна и уникатна лозинка за вашата услуга за е-пошта. Не користете ја истата лозинка на други места.

Совети за справување со несакани е-пораки

Спам пораките се еден несакан аспект на секојдневното користење на е-пошта. За да бидете сигурни дека несаканата е-пошта нема да го преплави вашето Дојдовно сандаче (Inbox):

  • пријавете ги несаканите е-пораки користејќи ја функцијата Пријави спам пораки (Report Spam) на вашата услуга за е-пошта.
  • треба да прифатите дека секогаш ќе примате некои спам пораки и дека вашата услуга за е-пошта ќе го открие поголемиот дел од нив.
  • одвреме-навреме проверувајте ја папката со Несакани пораки (Spam) за да бидете сигурни дека не сте ставиле по грешка е-пораки што всушност ви требаат.
  • избегнувајте да читате несакани пораки. Безбедно е да ги отворите и читате во папката за несакани и врските се блокирани, но сепак е најдобро едноставно да ги игнорирате.
  • имајте на ум дека некои спам пораки може да изгледаат дека се од некого кого го познавате, или од некого кој се преправа дека ве познава.
  • ако некоја е-порака ви изгледа сомнителна, едноставно избришете ја. Ако се работи за вистинска порака, тогаш лицето кое ви ја пратило веројатно ќе ви ја прати повторно.
  • ако преместите некоја е-порака од папката за несакани пораки во Дојдовното сандаче (Inbox), врските во е-пораката повторно ќе станат активни. Бидете сигурни дека нема да кликнете случајно некоја од нив.
  • некои спам пораки не се штетни и едноставно се рекламни каталози или реклами од компании.
  • вашата услуга за е-пошта може да ви овозможи да се отпишете од билтени преку врска во горниот дел на е-пораката.
  • некои е-пораки вклучуваат врска за отпишување во самата порака, но треба да кликнете на оваа врска само ако имате доверба во е-пораката.
  • несаканите пораки се бришат по 10-30 дена (во зависност од вашата услуга). Не треба да се грижите повторно за спам пораките откако сте ги пријавиле.
Угледните компании, банки и владини услуги никогаш нема да ви ги побараат лозинката или личните податоци преку е-порака. Ако примите е-порака што личи на порака којашто доаѓа од вашата банка или владата, ви бара да ја потврдите вашата е-пошта, тогаш речиси е сигурно дека се работи за спам порака и треба да ја избришете.

Како да користите противвирусен пакет со е-пошта

Вашата услуга за е-пошта ќе ја скенира сета дојдовна е-пошта за вируси и штетен софтвер, како и врски до познати штетни интернет-локации. Секоја е-порака што има вирус ќе биде блокирана. Понекогаш некој прилог може да содржи вирус или несакан софтвер, па не заборавајте да го скенирате вторпат со антивирусниот пакет на компјутерот.

Ако антивирусниот софтвер скенира некоја датотека и не најде вируси, злонамерен софтвер или друг вид несакан софтвер, тоа речиси секогаш значи дека е безбедно да ја отворите и користите таа датотека. Ако компјутерот почне да работи бавно, употребете ја опцијата во антивирусниот софтвер за детално скенирање (thorough scan). За повеќе информации за антивирусен софтвер, погледнете го нашиот курс Како да користите противвирусен софтвер (Using antivirus software).

Златно правило за е-пошта

Најбезбедниот начин да оцените некоја е-порака ако се сомневате дека содржи нешто злонамерно, или ако нешто ви изгледа невообичаено или чудно, е едноставно да ја избришете.

Не кликнувајте на Одговори (Reply) не е-порака што се сомневате дека е измамничка. Наместо да се врати кај лицето што мислите, таа ќе оди кај измамникот.

Користете редовно безбедносна проверка (security check up) ако услугата за е-пошта ја нуди таа функција. Таа ќе ви каже:

  • колку различни лозинки се зачувани во управникот со лозинки на интернет-прегледувачот (ако користите управник)
  • колку пати сте ја употребиле истата лозинка за две или повеќе сметки
  • ако некоја од вашите лозинки била откриена
  • совети и помош за да изберете најсилни можни лозинки.